Изминатата 2025 година беше исклучително успешна и динамична за Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ и Театар Куманово. Преку разновидна и богата програма, во текот на годината беа реализирани над 150 културни настани, кои привлекоа околу 14.500 посетители.
Програмата опфати концерти, театарски претстави, изложби, фолклорни настапи, литературни манифестации, уметнички перформанси и промоции на книги, дел како резултат на годишната програма поддржана од Министерството за култура, а дел преку проекти реализирани од други културни чинители.
Посебно значаен сегмент беше театарската продукција, со реализирани премиерни претстави на македонски и албански јазик, кои покрај кумановската сцена, беа изведувани и на фестивали и сцени низ државата и регионот, при што дел од нив беа и наградени.
Како врвни културни настани во годината се издвојуваат:
- Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ (28. издание)
- Фестивалот на проза 2025, кој се етаблира како значаен литературен настан
- Традиционалните изложби „Самоуки“ и биеналната изложба „Скици“
Покрај програмските активности, 2025 година ја одбележаа и значајни чекори кон реконструкцијата и довршувањето на зградата на Театар Куманово, проект кој ќе донесе современи услови, подобрена пристапност и модерна сценска опрема.
Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ упатува искрена благодарност до публиката, уметниците, соработниците и институциите за поддршката и довербата, со уверување дека 2026 година ќе донесе уште побогата и поквалитетна културна програма.





















